Се обезбедува помош во вршење основни и инструментални активности од секојдневниот живот до 80 часа месечно, за лица со намален функционален капацитет кои не можат сами да се грижат за себе, со цел да се оспособи корисникот за самопомош, односно да ја врати, стекне или одржи способноста самиот да се грижи за себе, за да продолжи да живее во сопствениот дом и да води независен живот во заедницата
Корисници на услугата помош и нега во домот се лица со најтешка попреченост, односно комбинирана попреченост со највисок степен, потполно слепи лица, стари лица со навршени 65 години живот и други лица со намален функционален капацитет кои не можат сами да се грижат за себе.
Во зависност од степенот на намален функционален капацитет на корисникот на остварување на основни и инструментални активности од секојдневниот живот, услугата помош и нега во домот на еден корисник се обезбедува до максимум 80 часа месечно, од кои до 40 часа услугата за основни активности, како што се одржување на лична хигиена, облекување, мобилност во домот, хранење, користење тоалет, менување пелени и подлоги во случај на контингенција, и до 40 часа за инструментални активности – поддршка при чистење, посредување на поправки, перење, готвење, купување продукти, надворешна мобилност, земање медицинска терапија.
Опфаќа индивидуална помош и поддршка за лица од 6 до 65 годишна возраст, со намален функционален капацитет, лица со потешка и најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица со цел да се овозможи независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата, како и вршење на секојдневни активности, кои лице без попреченост вообичаено ги врши без поддршка. Личната асистенција вклучува: помош и поддршка во вршење основни и инструментални активности од секојдневниот живот, помош и поддршка на работното место, образовните институции, центрите за рехабилитација, помош и поддршка во заедницата и други активности од интерес на лицето, до 80 часа месечно по лице.
По исклучок личната асистенција може да опфати дополнителни 80 часа месечно, за лице кое од резиденцијално згрижување преминува во живеењево станбен објект или со поддршка за независно и самостојно живеење и вклучување во заедницата.